Нови детали од трагедијата на Коби: Пилотот бил дезориентиран поради маглата!

Нови детали од истрагата за големата трагедија во јануари годинава во која загина НБА-легендата Коби Брајант заедно со својата ќерка и седум други патници во падот на хеликоптерот излегоа во јавноста, а заклучокот е дека пилотот Ара Зобијан бил дезориентиран поради густата магла.

Според истрагата која се спроведува, искусниот пилот кој имал многу часови лет со вакви хеликоптери на контролната кула и јавил дека се искачува на 4.000 стапки за да ги избегне густите облаци, но не бил свесен дека во тој момент наместо да се искачува, хеликоптерот губел вртоглаво висина и бил во слободен пад и на крајот завршил во ридот во Калифорнија, северозападно од Лос Анџелес.

Во извештајот на Националната комисија за безбедност во сообраќајот стои дека Зобајан погрешно ги сфатил аглите под кои хеликоптерот се спуштал и искачувал, а поради лошата видливост уште повеќе бил дезориентиран.

„Привидните агли кој се пресметани во овој момент покажуваат дека пилотот имал погрешно применети аглови на нагиб на леталото“, стои во извештајот.

Всушност пилотот јавувал дека се искачува, а тој практично се приземјувал. Инаку хеликоптерот немал никакви механички проблеми, зашто во истрагата не биле утврдени проблеми со моторот или роторите.

Трагедијата се случи на 26 јануари утрината, 46 минути по полетувањето, а останува мистерија како добил дозвола за лет при густа магла, кога целата полициска флота на ЛАПД била приземјена.