Нова магија на Дончиќ – направи нешто што во НБА не е видено 65 години (ВИДЕО)

По паузата од три натпревари поради повреда на ногата, Лука Дончиќ се врати во составот на ЛА Лејкерс и веднаш потсети зошто е еден од најдоминантните кошаркари во НБА во моментов.

Тој во триумфот на гостувањето кај Мемфис гризлис (117-112) одигра речиси 39 минути и постигна 44 поени, со шут од поле 14/27, од кои шест тројки од 15 обиди. Покрај тоа, беше и најдобар скокач со 12 скока, како и организатор со шест асистенции. Ова е трет меч по ред на Словенецот со повеќе од 40 постигнати поени, откако претходно уфрли 43 против Голден Стејт, а потоа и 49 против Минесота. Според официјалната статистика на НБА, Дончиќ стана само вториот играч во историјата на лигата, кој во првите три меча од една сезона постигнал над 40 поени — подвиг што пред него го остварил единствено легендарниот Вилт Чемберлен во 1961 година. Просекот на Дончиќ во новата сезона е импресивен — 45,3 поени, 11,7 скока и 7,7 асистенции по натпревар.

Во останатите натпревари одиграни ноќеска: Индијана – Атланта 108-128, Филаделфија – Бостон 108-109, Кливленд – Торонто 101-112, Чикаго – Њујорк 135-125, Феникс – Јута 118-96, Портланд – Денвер 109-107 и ЛА Клиперс – Њу Орлеанс 126-124.

ФОТО: X.COM