Меси: Велат Ману е „кошаркарскиот Меси“, а всушност јас сум - „фудбалскиот Џинобили“!

Еден од најдобрите неамерикански кошаркари во историјата на НБА без сомнение е Ману Џинобили, извонредниот Аргентинец кој викендов влезе во куќата на славните во Спрингфилд, откако во кариерата освои четири титули со Сан Антонио Спарс и олимписко злато со „гаучосите“ во 2004 година.

Џинобили беше главна спортска ѕвезда на Аргентина, сѐ додека не се појави Лионел Меси, а фудбалскиот виртуоз и велемајстор има многу голема почит кон сонародникот, па на светската јавност ѝ порача нешто после што ги собра сите аплаузи.

„Јас сум горд што луѓето и новинарите велат дека Ману е 'кошаркарскиот Меси', ама всушност треба да кажат дека јас сум - 'фудбалскиот Џинобили'“, рече Меси, а неговата изјава ја пренесе Сан Антонио Спарс.