
Лејкерс и Милвоки ја продолжуваат борбата за првиот трофеј во НБА (ВИДЕО)
Лос Анџелес Лејкерс обезбеди пласман на Ф4 од инаугуралното издание на ова натпреварување и во Лас Вегас ќе се бори да влезе во историјата во уште еден сегмент. Најтрофејниот тим во НБА го совлада Феникс со 106-103 и против Њу Орлеанс ќе игра за место во големото финале.
Леброн беше одличен, постигна 31 поен од кои 15 во последната четвртина во која Феникс се закани дека може да направи пресврт откако претходно имаше и -14. Голема поддршка му даде Ентони Дејвис со 27 поени и 15 скока, додека Остин Ривс додаде 20 поени. Кај Феникс, Дурант стигна до 31 поен, но промаши шут за израмнување во последниот напад. Една од главните причини за поразот на Санс се 22. загубени топки.
Претходно, Милвоки го растури Њујорк со 146-122 и покрај тоа што Џулиус Рендл постигна третина од поените на Никс (41). Бакс поставија рекорд на сезоната со шут за тројка 60,5% (23/38) и со овој меч закажаа полуфинале против Индијана в петок изутрина во Лас Вегас.
Адетокумпо имаше одлично офанзивно издание, постигна 35 поени со 10 асистенции и 8 скока, а го следеа Лилард со 28 поени и Бисли со 18 поени.