Лејкерс биле виновни за новата експлозија на ковид-19 во Лос Анџелес?!

Подрачјето на Лос Анџелес во изминативе недели бележи ново големо зголемување на бројот на заразени од коронавирус, па локалните здравствени власти не чекаа многу за да ги обвинат Лејкерс, една од најпопуларните франшизи во НБА, дека се виновни за тој пораст на болни од новиот вирус.

Во округот на ЛА на почетокот на месецот просекот на заразени бил под илјада дневно, ама во изминатата недела таа бројка надмина 1.200 заразени на ден, па иако бројките што се во пораст, се во склад со порастот на бројките насекаде низ светот, одделот за здравство на ЛА заклучиле дека се должи на завршницата од сезоната во НБА.

Најмногу порастот на заразени се должи на шампионското славје за првата титула по една деценија на Лејкерс, откако на 11 октомври со триумфот во шестиот меч, ЛА Лејкерс со 4-2 славеа во финалната серија против Мајами Хит, во „меурот“ што НБА го организираше во Дизниленд.

„Невозможно е да се каже од каде сè потекнуваат овие зголемувања на бројките, но може да се претпостави дека најмногу се од групирањето на луѓето, кои гледаа мечеви и посебно од таа прослава на титулата пред неколку недели, кога ниту некој носеше маски, ниту имаше физичка дистанца“, објавиле од одделот за заштита на ЛА.

Загриженоста е уште поголема зашто ЛА Доџерс, бејзбол франшизата од Лос Анџелес води со 3-2 во финалето против Тампа Беј Рејс и вечерва се игра шестиот меч, а ако победат ќе има ново шампионско славје, ново непочитување на мерките и нова голема опасност од уште поголемо ширење на ковид-19.