Леброн го скроти „грчкиот ѕвер“, Лејкерс убедливи во „финалето пред финале“ (ВИДЕО)

Само три натпревари беа одиграни во ноќта помеѓу четврток и петок во НБА-лигата, во кои убедливо најинтересен беше таканареченото финале пред финале, во кое ЛА Лејкерс без поголеми проблеми го совлада тимот на Милвоки бакс (113-106).

Најдоминантен на паркетот беше Леброн Џејмс со 34 поени, на кои додаде осум скока и шест асистенции и тоа со фантастичен шут за три поени (6/10). „Кралот“ го доби директниот дуел со Јанис Антетокумпо, кој средбата ја заврши со 25 поени 12 скока. „Елените“ го имаа водството до крајот на втората четвртина, кога гостите од Лос Анџелес направија голем пресврт и дојдоа до водство, кое го одржаа до самиот крај. Домаќинот беше на чекор до нов пресврт пред самиот крај кога дојде до водство 102-100, но следуваа неколку тројки на Џејмс за потврда на триумфот на „езерџиите“.

Њујорк никс, пак, го совлада тимот на Голден стејт вориорс (119-104), пред сѐ поради фактот што имаа повеќе расположени кошаркари за надигрување. Барет постигна 28 поени, Робинсон 18, а Рендл 16 поени заедно со дури 17 скока. Кај „воините“ убедливо најдобар беше Стеф Кари со 30 поени.

Во третиот меч од ноќешната програма, Јута џез дојде до седмата победа по ред совладувајќи го Њу Орлеанс пеликанс (129-118), во меч во кој блескаше Донован Мичел со 36 поени.