Кукоч: Им благодарам на Џордан и Пипен што ме „уништија“ на ОИ во Барселона

Тони Кукоч синоќа го доби заслуженото место во кошаркарската „Куќа на славните“ во Спрингфилд, САД. Хрватската легенда беше претставен од неговиот поранешен соиграч од Чикаго бул и сега негов добар пријател, Мајкл Џордан. 

Тој беше дел од една незаборавна генерација на Чикаго булс, кој доминираше во деведесетите години од минатиот век во НБА-лигата. Кукоч освои три шампионски титули со тимот и тоа сите три по ред од 1996 до 1998 година.

„Би сакал да им се заблагодарам на Мајкл Џордан и Скоти Пипен, што ме 'уништија' за време на Олимписките игри во Барселона 92' и потоа ме мотивираа да работам уште понапорно за да станам важен дел од Чикаго булс“, рече Кукоч при својот говор.

Хрватот пред да дојде во НБА-лигата во Чикаго беше дочекан на „нож“ од двете најголеми ѕвезди на тимот. Џордан и Пипен беа лути на раководството на Булс поради тоа што Кукоч требаше да добие подобар договор од Пипен, па решија да докажат нешто против него во финалето на Олимписките игри во Барселона. Двете НБА-ѕвезди постојано играа силна одбрана против Кукоч, кој едноставно не беше дораснат да се носи со таквата игра на Американците.

По неговото пристигнување во Чикаго нивниот однос се подобруваше и Кукоч стана еден од најважните играчи на тимот. Тој и Џордан моментално се многу блиски пријатели, кои постојано играат голф.