Јокиќ е трипл дабл машина, му се приближува на Меџик Џонсон (ВИДЕО)

Денвер Нагетс ѝ го нанесе првиот пораз на Оклахома, совладувајќи на домашен терен со 124-122, а повторно прва ѕвезда на мечот беше Никола Јокиќ.

Србинот не заврши како најефикасен, но го оствари четвртиот трипл дабл оваа сезона, постигнувајќи 23 поени, 20 скока и 16 асистенции. Со тоа стигна до вкупно 134 во својата кариера и сега му недостасуваат само четири за да се израмни со Меџик Џонсон кој е на третото место во оваа статистичка категорија. Како тргнал оваа сезона, на Јокиќ нема да му биде потребно многу време бидејќи по првите осум натпревари веќе има четири трипл дабл ефекти.

Што се однесува до натпреварот, гостите водеа со 16 поени разлика во третата четвртина, но Денвер успеа да направи пресврт и во последните 20-тина секунди да влезе со +2. Вотсон можеше да стави точка на мечот од линијата на слободни фрлања, но ги промаши двата „пенала“ и Оклахома доби шанса барем за продолжение. Топката отиде кон Шеј Гилџес Александер кој во последните секунди тргна кон кошот, ама доби блокада токму од Вотсон кој не дозволи да биде трагичар на мечот. По овој пораз на Оклахома, единствен непоразен во лигата е Кливленд Кавалирс кој во моментов е на 9-0.

Освен Јокиќ, одличен натпревар одигра и Расел Вестбрук кој постигна 29 поени, како и Портер и Браун кои реализираа по 24 поени и на тој начин го надополнија отсуството на Мареј и Гордон. Вилијамс ја предводеше Оклахома со 29 поени, 10 скока и 9 асистенции, а се истакна и Гилџес-Александер со 28.