Харден пак прави проблеми - заврши зад решетки

Ветеранот во НБА, Џејмс Харден бил уапсен денеска во раните утрински часови во Тексас и обвинет за нелегално поседување оружје, објавија американските медиуми.

Според полицијата, во возилото на Харден за време на запирање бил пронајден пиштол. Оружјето наводно било на видно место и не било во футрола, што предизвикало прекршочна пријава против кошаркарот. Харден наскоро бил ослободен со кауција, а неговото прво појавување пред суд е закажано за 22 јуни.

Условите за неговото ослободување наведуваат дека не смее да поседува огнено оружје, муниција или какво било друго оружје. Исто така, му е забрането да користи алкохол, дрога или други контролирани супстанции освен ако не му е препишано од лекар. Дополнително, тој ќе мора да се подложи на случајни тестови за дрога.

Харден моментално игра за Кливленд Кавалирс, кои беа елиминирани во финалето на Источната конференција од Њујорк Никс минатиот месец.

Како еден од најдобрите бекови на својата генерација, Харден игра во НБА од 2009 година, кога беше избран на третото место од Оклахома Сити. Тој исто така играше за Хјустон, Бруклин, Филаделфија и Лос Анџелес Клиперс. Харден и неговите претставници сè уште не дале коментар за инцидентот.