Епски меч во Денвер: Шампионот губеше со 20 разлика, па победи со кош со звукот на сирената (ВИДЕО)

Денвер Нагетс води со 2-0 во првата рунда од плејоф серијата со Лос Анџелес Лејкерс откако утринава славеше и во вториот меч на домашен терен, со 101-99.

Натпреварот слободно може да се стави во категоријата епски ако се земе предвид се што се случуваше на него. Лејкерс беа во водство 45 минути, највисоката предност изнесуваше 20 разлика  (68-48 во третата четвртина), но ни тоа не беше доволно да ја прекинат серијата порази во дуелите со актуелниот шампион.

Денвер полека ја топеше разликата, во последната четвртина се влезе со 69-79, но до тој момент, расположени за игра беа само Јокиќ и Портер. Во последната четвртина се разигра Џамал Мареј кој на крајот излезе и херој на Денвер бидејќи со истекот на времето, при резултат 99-99 постигна кош за победа на неговиот тим. Тој ги реализира и претходните четири поени на неговиот тим, за израмнување на 97-97 и 99-99. Лејкерс имаа забелешки на една судиска одлука, кога не беше досудена лична грешка од Јокиќ врз Дианџело Расел која можеби ќе го однесеше натпреварот во друга насока.

 

 

Како и да е, кошот на Мареј беше круна на најголемиот пресврт во историјата на Денвер кога станува за натпревар во плејофот. Иако Канаѓанецот го постигна клучниот кош, убедливо најдобар играч на мечот беше Никола Јокиќ кој четврти пат во кариерата ја достигна границата од 25 поени, 20 скока и 10 асистенции (27/20/10) на плејоф меч. Ентони Дејвис заврши со 32 поена и 11 скока, а Леброн додаде 26 поени, 12 асистенции и 8 скока. Следните два меча од оваа серија се играат во Лос Анџелес каде Лејкерс ќе имаат можност да стават крај на низата од десет порази во дуелите со Денвер.

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд - Орландо 96-86 (2-0)
Њујорк - Филаделфија 104-101 (2-0)
Денвер - ЛА Лејкерс 101-99 (2-0)