Денвер конечно победи, Јокиќ втор меч по ред ја минува „границата од соништата“ (ВИДЕО)

Тимот на Денвер нагетси, во третиот меч конечно дојде до првата победа во новата сезона во НБА, откако предводен од фантастичниот Никола Јокиќ славеше на гостувањето против Торонто репторс (127-125).

Србинот средбата ја заврши со 40 поени, 10 скокови и четири асистенции, шутирајќи од игра 18/27 за неполни 44 минути на теренот. Само два дена претходно, српскиот центар постигна 41 поен, но Денвер тогаш загуби од ЛА Клиперс. „Нагетси“ во регуларниот дел се спасија со кошот на Џамал Мареј, кој реализира шут за продолжение со звукот на сирената по асистенција од Јокиќ. Возбудата не изостана ниту во дополнителните пет минути, а Репторс имаа шанса за победа, но Ар-Џеј Барет промаши тројка за триумф на домашниот состав.

Освен Јокиќ, во екипата на Денвер се истакнаа Кристијан Браун и Мареј со по 17 поени, додека Арон Гордон постигна 16 поени, 11 скокови и осум асистенции. Најпрецизен кај Торонто беше Скот Барнс со 21 поен, 12 скокови и девет асистенции.

Во натпреварот помеѓу Далас Маверикс и Јута Џез (110-102), Лука Дончиќ имаше невообичаено слаб учинок, со оглед на лошиот шут со само една тројка по серија од осум промашувања. Тој заврши со скромна реализација од 5 погодени шутеви од 22 обиди (22,7 отсто), што претставува една од неговите најлоши шутерски вечери за вкупно 15 поени со девет скока и осум асистенции. Најдобар поединец во редовите на Далас беше Кајри Ирвинг, кој постигна 23 поени, додека Клеј Томпсон додаде 18 поени, надополнувајќи го недостатокот на ефикасност на Дончиќ и водејќи го тимот до победата.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Индијана 119-115, Атланта – Вашингтон 119-121, Бостон – Милвоки 119-108, Мајами – Детроит 106-98, Њујорк – Кливленд 104-110, Торонто – Денвер 125-127 (п), Мемфис – Чикаго 123-126, Сан Антонио- Хјустон 101-106, Далас – Јута 110-102, Феникс – ЛА Лејкерс 109-105, Сакраменто – Портланд 111-98.