Денвер играше со половина сили, па загуби од Портланд и го расплака – првакот (ВИДЕО)

Желбата да ги одмори своите кошаркари пред доигрувањето беше причината што тренерот на Денвер нагетс, Мајк Мелоун, ја ограничи минутажата на Никола Јокиќ и соиграчите, што, пак, беше максимално искористено од Портланд трејлблејзерс, чии играчи со победа со 132-116 ја потврдија шестата позиција пред плејофот, а со тоа и го избегнаа т.н. плејин.

Ваквата игра на „нагетси“ буквално ги расплака сите во таборот на ЛА Лејкерс, кои исто така беа во игра за последното место што води директно во доигрувањето и кои со победата над Њу Орлеанс (110-98) се изедначија по бројот победи со „пионерите“ од Орегон. Но, тоа беше попусто со оглед што однапред се знаеше дека Портланд ќе биде подобро пласиран во едно вакво сценарио, со оглед на подобриот меѓусебен скор со актуелниот првак.

Тоа беше единствена дилема решена во синоќешните последни мечеви од регуларниот дел од сезоната во НБА, по што се дознаа имињата на екипите кои ќе играат во плејофот и во плејинот. Баражот за место во доигрувањето ќе се одигра според принципот 7-8 и 9-10, со тоа што поразениот од првата пресметка ќе има и втора шанса за влез во борбата за титула, со дополнителен натпревар со победникот од втората двојка.

На Западот, тоа значи дека ЛА Лејкерс ќе играат со Голден Стејт вориорс, победникот ќе го добие стартниот број седум, а поразениот од оваа двојка потоа ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот помеѓу Мемфис гризлис и Сан Антонио спарс во битка за „осмицата“. Во Источната конференција, пак, Бостон селтикс ќе игра со Вашингтон визардс, додека поразениот од оваа двојка ќе игра со победникот од двојката помеѓу Индијана пејсерс и Шарлот хорнетс.

Најдобри по регуларниот дел се Филаделфија севентисиксерс и на Јута џез, со тоа што „џезерите“ имаа најдобар скор во цела НБА, а со тоа и можноста за меч повеќе во сите серии од плејофот.

РЕЗУЛТАТИ: Њујорк – Бостон 96-92, Торонто – Индијана 113-125, Вашингтон – Шарлот 115-110, Сан Антонио – Феникс 121-123, Голден Стејт – Мемфис 113-101, Атланта – Хјустон 124-95, Бруклин – Кливленд 123-109, Филаделфија – Орландо 128-117, Детроит – Мајами 107-120, Чикаго – Милвоки 118-112, Минесота – Далас 136-121, Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 98-110, Оклахома – ЛА Клиперс 117-112, Портланд – Денвер 132-116, Сакраменто – Јута 99-121

ДВОЈКИ - ПЛЕЈИН

ИСТОК

Бостон – Вашингтон

Индијана – Шарлот

ЗАПАД

ЛА Лејкерс – Голден Стејт

Мемфис – Сан Антонио

ДВОЈКИ - ПЛЕЈОФ

ИСТОК

Филаделфија и (8)

Бруклин – (7)

Милвоки – Мајами

Њујорк – Атланта

ЗАПАД

Јута - (8)

Феникс - (7)

Денвер – Портланд

ЛА Клиперс – Далас