Денвер губи со 30 разлика кога не игра Јокиќ, фантастичен пресврт на Њујорк (ВИДЕО)

Екипата на Денвер нагетс претрпе вистинска катастрофа на гостувањето кај Минесота тимбервулфс (98-128) во синоќешниот натпревар од НБА-лигата, на кој настапи без Никола Јокиќ, но и без уште тројца од стартната петорка.

Тренерот Мајк Мелоун реши да го жртвува овој меч, па покрај српскиот ас на одмор ги испрати и Џамал Мареј, Арон Гордон и Кентавиус Калдвел Поуп, со што свесно го загуби дуелот со „волците“. Ентони Едвардс со 20 поени и Деанџело Расел со 18 поени беа најдобри кај Минесота, додека најефикасен кај тимот од Колорадо беше Мајкл Портер јуниор со 22 поени.

Кошаркарите на Њујорк никс ужасно ја почнаа пресметката на домашен терен против Филаделфија севентисиксерс (108-97) со оглед што кон средината на првиот период веќе беа во негатива од дури 21 поен (12-33). Тоа делуваше како врела шлаканица за „никси“, кои брзо се разбудија, па со серија 17-0 намалија на само минус три поени (32-35) на почетокот од втората четвртина со што го најавија големиот пресврт.

Гостите водеа се до стартот на четвртиот дел од мечот, по што Њујорк целосно ја презеде контролата и врз резултатот и победи речиси и убедливо. Џулиус Рендл постигна 24 поени, додека Еван Фурние дополни 17 поени за тимот од „Големото јаболко“, додека кај „сиксерси“ најдобар беше Џоел Ембид со 31 поен и 14 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Мемфис-Торонто 103-106, Њујорк-Филаделфија 108-97, Минесота-Денвер 128-98, Њу Орлеанс-Сакраменто 136-104.