Бомба пред крајот на преодниот рок: Батлер заврши кај Стеф Кари

Мајами Хит конечно се ослободи од Џими Батлер по трејдот во кој се вклучени четири екипи и вкупно седум играчи.

Ветеранот заврши во тимот на Голден Стејт Вориорс иако претходните денови категорично изјавуваше дека нема шанси да се пресели таму, па дури и се закани дека ќе го блокира трејдот ако тој се оствари. Покрај Мајами и Голден Стејт, во размената учествуваат уште Детроит и Јута. Мајами ги доби Ендрју Вигинс, Кајл Андерсон и Пи Џеј Такер, плус пик во првата рунда на драфтот. Во Детроит се преселија Линди Вотерс и Џош Ричардсон, а Јута е посилна за Денис Шредер.

Со ова е ставен крај на сагата околу Батлер кој сезонава му направи големи проблеми на Мајами Хит. Менаџментот на франшизата три пати го суспендираше својот најдобар играч кој отворено побара трејд, но се надеваше дека ќе заврши во Феникс, а не во Сан Франциско. Вориорс сега повторно имаат „голема тројка“, но сите тројца се ветерани, длабоко навлезени во четвртата деценија од животот и прашање е колку можат да дадат во моментов.