Адетокумпо со уникатен трипл-дабл му се приклучи на Јокиќ во НБА-историјата (ВИДЕО)

Јанис Адетокумпо одигра фантастично во синоќешната победа на Милвоки бакс во пресметката со Торонто репторс (118-111), по што влезе во историјата како втор кошаркар сезонава, а вкупно четврти досега со вакво уникатно остварување.

Грчкиот репрезентативец средбата ја заврши со трипл-дабл ефект со 22 поени, 13 скока и 10 асистенции и тоа без ниту едно промашување во шутевите од поле (9/9), со што му се приклучи на Никола Јокиќ кој претходно сезонава имаше ваков ефект. Претходно во историјата само Дрејмонд Грин и Вилт Чембрлен имале трипл-дабл со најмалку 20 поени и без воопшто да промашат. „Елените“ со овој триумф дојдоа до скор 51-20 и со три победи повеќе, а два порази помалку од Филаделфија сигурно грабат кон првото место на Истокот пред плејофот.

Синоќа одличен беше и Јокиќ, кој одигра перфектно во триумфот на Денвер нагетс кај Бруклин нетс (108-102), што беше реванш за поразот од истиот тим пред една недела на домашен терен. Србинот средбата ја заврши со 22 поени, 17 скока и 10 асистенции, а имаше 9/12 во ударите од поле, за вкупно 28. трипл-дабл сезонава. За тимот од Колорадо ова беше само втор триумф во последните седум меча, со кој и понатаму остануваат лидери во Западната конференција со учинок 48-24.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Денвер 102-108, Оклахома – Феникс 124-120, Сан Антонио – Атланта 126-118, Детроит – Мајами 100-112, Хјустон – Њу Орлеанс 107-117, Милвоки – Торонто 118-111, Портланд – ЛА Клиперс 102-117, ЛА Лејкерс – Орландо 111-105.