Тренто ја растури Олимпија Милано, Димитријевиќ остана без трофеј

Актуелниот италијански шампион Олимпија Милан ја пропушти можноста да стане најтрофеен тим во Купот на Италија и остана на осум пехари откако вечерва доживеа тежок пораз во финалето од Тренто со 63-79.

Олимпија Милано беше во негатива безмалку цел натпревар, со исклучок на кратки периоди во првата и втората четвртина. Тренто отиде на двоцифрена предност во третиот квартал и до крајот победата не беше доведена во прашање.

Целата бековска линија на Олимпија Милано беше далеку од посакуваното ниво, вклучувајќи го и Ненад Димитријевиќ кој за 12 минути постигна само еден поен, со шут од игра 0/7. Болмаро шутираше 3/8, Шилд 3/13, а Менион 1/6, но другите тројца играа многу повеќе од македонскиот репрезентаивец.

Прв стрелец и најзаслужен за победата на Тренто беше Форд кој постигна 23 поени, а единствената светла точка кај Олимпија Милано беше Никола Миротиќ кој за 18 минути во игра постигна 20 поени иако 14 од нив од линијата за слободни фрлања. За Тренто ова е прв трофеј во Купот на Италија во клупската историја, а доаѓа во момент кога се наоѓа на челната позиција на табелата во италијанското првенство.