Тренерот што го избрка Димитријевиќ од Валенсија ќе биде селектор на Германија

Неколку дена по завршувањето на Олимписките игри во Париз, Кошаркарската федерација на Германија е пред финализирање на преговорите за нов селектор на репрезентацијата.

Гордон Херберт си замина по три години на клупата, а неговото место најверојатно ќе го пополни 45-годишниот шпански стручњак Алекс Мумбру. Засега тој е попознат по неговата играчка кариера во која настапуваше и за Реал и долго време беше стандарден шпански репрезентативец, освојувајќи притоа златни медали на Светското првенство во 2006 и Европското во 2009 година.

Од друга страна, како тренер уште е недокажан, досега ги водеше само Билбао и Валенсија и се уште нема ниеден поголем успех поради што е нејасно како ја добил довербата да го води светскиот првак. За неговите квалитети можеби најдобар пример е одлуката од пред две години да го избрка Ненад Димитријевиќ од Валенсија, веднаш по преземањето на тимот, во 2022 година. Македонскиот репрезентативец една сезона настапуваше за „портокаловите“, но Мумбру сметаше дека не му се вклопува во концепцијата, па Димитријевиќ замина во Уникс и блесна, покажувајќи дека е еден од најдобрите европски плејмејкери во моментов. 

За разлика од Димитријевиќ, кому кариерата му тргна во нагорна линија, Валенсија под водство на Мумбру доживеа колапс, тој беше избркан во април годинава, а тимот претстојната сезона нема да учествува во Евролигата, туку во Еврокупот.