Тренерот на Баерн Минхен полуде, па го нападна судијата од Црна Гора (ВИДЕО)

Кошаркарите на Баерн Минхен на сличен начин како фудбалските колеги загубија во синоќешното гостување кај Олимпијакос (82-84), по што тренерот Андреа Тринкијери буквално полуде и влета во теренот со вербален напад на судијата Игор Драгојевиќ (Црна Гора).

Причина за лутината на поранешниот стратег на Партизан беше последниот напад на Баварците за кој имаа 4,2 секунди, а кој заврши со шут за победа на Пол Зипсер. Поранешниот кошаркар на Чикаго Булс убаво ја прими топката и шутираше под притисок на бугарскиот интернационалец Александар Везенков. Тринкијери сметаше дека имало прекршок за три слободни фрлања, но судиите останаа неми, што кај него предизвика голем револт.

Снимката од спорната ситуација покажува дека италијанскиот тренер со хрватски корени со право барал прекршок, со оглед што Бугаринот и со раце и со тело го турка играчот на Баерн Минхен. Но, судиите од поранешна СФР Југославија, Матеј Болтаузер (Словенија), Миливоје Јовчиќ (Србија) и Црногорецот Драгојевиќ останаа неми.