„Српските кошаркари сакаа да го напуштат Европското првенство поради Вучиќ“

Славниот српски стручњак Душко Вујошевиќ откри дека во репрезентацијата се случувала драма за време на Европското првенство што се одржа неодамна.

Србија не се прослави бидејќи испадна во осминафиналето, а многумина ја гледаа како главен фаворит за златото. Вујошевиќ тврди дека политичката ситуација во земјата го земала својот данок и дека лошиот пласман е последица на сето она што се случува во Србија последната година. Дури, тој тврди дека дел од кошаркарите сакале предвреме да си заминат дома.

„Колку што знам јас, Пешиќ разговарал со Вучиќ бидејќи постоела дилема дали репрезентацијата да се откаже од натпреварувањето и да се врати дома. Мене ми е жал за тие момци, но тие треба да заземат некој став и да кажат, а не да зборувам јас затоа што воопшто не бев таму“, изјави Вујошевиќ утринава во интервју за една српска телевизија.

Медиумите во Србија објавуваа дека платеници на тамошниот режим биле испратени во Рига за да ги „дисциплинираат“ сите оние што скандираат против претседателот Александар Вучиќ, па имало жестоки конфликти и некои од навивачите биле претепани. Меѓу нив, наводно, е и кумот на Марко Гудуриќ што може да биде оправдание за неговите лоши изданија на првенството.