Ивановски им се обрати на навивачите: Пелистер падна во криза, потребна ни е поддршка

По добриот старт и двете победи во воведните три кола, Пелистер доживеа четири порази во низа кои го однесоа на осмото место на табелата, со само еден бод повеќе од опасната зона.

Битолчани загубија од Македонија и Работнички на гости и Арсими и Башкими на домашен терен, со вкупна гол разлика 3-11, па со вкупно 16 примени голови е втор најлош тим во оваа статистичка категорија, во Првата лига. Капитенот на екипата Мирко Ивановски им се обрати на навивачите со молба за поддршка во овој тежок период за Пелистер за кој изрази надеж дека нема долго да трае.

,,Како капитен сочувствувам со нашите навивачите во овој тежок момент за нашиот клуб и чувствувам потреба да им се обратам. Неочекувано западнавме во кризен период на игра и резултати и потребна ни е сплотеност и заедништво да излеземе од кризата. Се соочуваме со проблеми од разен тип, меѓу нив и повреди, но ако сме сите заедно верувам дека ќе излеземе од негативниот момент. Очекувам поддршка за оваа млада екипа, затоа што сезоната е долга, а во неа имаме многу цели за исполнување.

Сакам да им го честитам почетокот на прославата на 40-годишнината на навивачката група 'Чкембари' и ветувам подобри денови. Овој роденден се совпаѓа со 80-от роденден на нашиот клуб и убеден сум дека заедно ќе славиме сезонава“, порача искусниот голгетер.

Пред битолчани е уште едно тешко гостување во текот на викендот, кај поранешниот шампион и актуелен лидер на табелата Струга. Полоша серија во лигата во моментов има само „фенерџијата“ Шкупи кој е без бод по седум одиграни натпревари.