Шортс горд на пласманот во плејофот: Верувавме дека можеме, сега небото е граница

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс одигра уште еден маестрален натпревар во дресот на Париз и е најзаслужен што неговиот тим успеа како гостин да го победи Реал и да се пласира во плејофот од Евролигата.

Постигна 23 поени, девет асистенции и два скока и ја круниса фантастичната сезона, дебитантска за него во елитното натпреварување. По триумфот во Мадрид, Шортс призна дека е горд, но и дека тој и неговите соиграчи верувале во овој сензационален успех.

„Нашиот пласман во плејофот е нешто неверојатно, напорно работевеме за да дојдеме до овде. Моравме низ плејинот, по потешкиот пат, но го заверивме билетот. Верувавме дека можеме да го победиме Реал и го направивме тоа, сега само небото е граница“, рече Шортс.

Во четвртфиналето, Париз ќе се сретне со Фенербахче и нема да ја има предноста на домашниот терен, но тоа досега се покажа ирелевантно за францускиот клуб.