Сензација: „Фудбалерите“ од Данска го совладаа кошаркарскиот гигант Литванија!

Инсистирањето на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) за играње на квалификациските средби за време на клупската сезона, што резултира со отсуство на играчите кои настапуваат во Евролигата и во НБА, се причините за многу сензационални резултати како што е вечерашната победа на „фудбалска“ Данска против кошаркарскиот гигант Литванија (80-76) и тоа среде Вилнус.

Литванците, очекувано, настапија со трет состав поради отсуството на голем број стандардни репрезентативци кои играат за Жалгирис и останатите европски великани, но и покрај тоа поголем дел од мечот беа во водство, на моменти и со 12 поени разлика (33-21). Но, како одминуваше мечот, Скандинавците ја намалуваа негативата, а во последниот период целосно ја презедоа иницијативата, која им донесе драгоцена победа.

Габриел Лундберг со 28 поени и седум скока беше нерешлива енигма за Литванците, во чија селекција напрецизен беше Деивидас Гаилиус со 16 поени.

Со овој триумф на аутсајдерот и убедливата победа на Белгија над Чешка (90-62) се закомплицира ситуацијата во групата Ц и тоа за вториот патник на ЕП 2022. Тој дефинитивно ќе се бира помеѓу Данска и Литванија и тоа во вториот меѓусебен натпревар закажан за последното коло кое ќе се одигра во февруари следната година, со оглед што Белгија со скор 3-0 е веќе сигурна на првото место, а Чешка игра вон конкуренција бидејќи е пласирана на ЕП како еден од домаќините на континенталниот собир.