Преседан на Балканот: Партизан доживотно казни навивач и го тужи на суд!

КК Партизан направи потег кој е пракса во сите земји каде што спортот е на високо ниво, но затоа е преседан на овие простори. На еден свој навивач му изрече доживотна забрана за следење на натпреварите на црно-белите, згора на тоа го одведе и на суд.

Инцидентот кој донел до ова се случил на 13 јануари, на мечот меѓу Партизан и Басконија, во Евролигата. Партизан го доби тој меч со 83-65, на него немало никакви тензии, а еден навивач плукнал по судиите, кога тие поминале покрај неговото седиште, од теренот, кон соблекувалните. По извршената истрага, лицето било лоцирано од полицијата и легитимирано.

„Како што се гледа на снимката, С. Г. без да биде испровоциран од ништо, при убедливо водство на Партизан и без никаков сомнеж во која било одлука на арбитрите го изврши ова дело. Мораме заедно да застанеме на патот на бунтовниците во нашите сали“, пишува во дел од објавата на КК Партизан, на социјалните мрежи.

На С. Г: ќе му биде доживотно забрането да присуствува на кој било натпревар на кој домаќин е Партизан, а згора на тоа клубот покренал и тужба против него. Ќе бара отштета од 5.000 евра, колку што клубот бил казнет од страна на Евролигата.

Ваквиот потег е новина на Балканот, а сигурно треба да биде зачестена пракса за да се намали нередот на трибините. Можеби потребно е да се „копира“ и кај нас, без разлика колку се полни трибините.