Пет кошаркари повредени пред меч од ФИБА Еврокупот - им пропаднал лифтот од трети кат!

Натпреварот помеѓу турскиот Есенлер Ерокспор и азербејџанскиот Генџе (92-63) од ФИБА Европа Купот, во кој настапува и МЗТ Скопје, остана во сенка на ужасниот инцидент кој му претходеше на спортскиот дуел.

Петмина кошаркари на гостинската екипа се повредија откако лифтот во хотелот каде што беа сместени пропаднал од третиот кат. И покрај претрпениот шок, физичките повреди и официјалното барање од азербејџанскиот клуб за одложување на средбата, Светската кошаркарска федерација (ФИБА) го одби нивното барање и реши мечот да се одигра во предвидениот термин.

Драмата ја обелодени тренерот на гостинската екипа, Мартин Кнежевиќ, американски стратег со црногорски корени, кој не ја криеше разочараноста од третманот кој го добиле од домаќинот и од организаторот на натпреварувањето. Тој жестоко ја критикуваше одлуката тимот да биде сместен во неадекватни услови кои за малку ќе резултирале со огромна трагедија.

„Не ме изненадува конечниот резултат со оглед на тоа дека петмина мои играчи беа повредени кога претходната вечер се урна лифтот во хотелот. Да, во оној евтин хотел во кој нè смести Ерокспор. Моите момци паднаа од висина од три ката, така што можат да бидат среќни што не се здобија со повреди кои трајно би им го промениле животот. И покрај сè, на почетокот од третата четвртина заостанувавме само десет поени. И да, фала ѝ на ФИБА што го игнорираше нашето барање за одложување на натпреварот поради играчите кои не ни беа на располагање. Навистина сте најдобри“, иронично и револтирано изјави Кнежевиќ.

Според правилата на ФИБА, гостинските екипи треба да се сместат во хотел со најмалку четири ѕвездички, што во овој случај дефинитивно не било испочитувано.