
Македонија доби дури четири места, ама за „пеколот“ пред Лигата на шампионите на ФИБА!
Оваа информација денеска беше лиферувана до сите прволигашки екипи, кои имаат рок до 4 јуни да го пополнат добиениот образец со основните информации за клубот и да ја искажат својата заинтересираност да бидат дел од ЛШ. Ова е далеку поголема бројка од таа што КФМ ја добиваше во изминативе години, кога загарантирано место имаше само за шампионот, а второпласираниот можеше да се пријави, но ќе мораше да почека да дополнително одобрување откако ќе се знаеше крајната бројка на заинтересирани од сите европски федерации.
Најголемиот проблем на сето ова е фактот што поканата е само за учество во квалификации, а не загарантирано место во групната фаза, која автоматски носи и финансиски бенефит од најмалку 150.000 евра. Ниту Петар Наумоски, ниту неговиот наследник Перо Антиќ, без разлика на големиот европски рејтинг што го имаа(т) како поранешни европски шампиони, не успеаја да се изборат Македонија да добие место под европското сонце во, реално гледано, третото клупско натпреварување во Европа, по Евролигата и Еврокупот.
Засега ниту една од македонските екипи не изразила подготвеност за една ваква авантура, која е екстремно скапа, а не носи никаков бенефит. Но, ако во меѓувреме нешто се смени, па повеќе од четири тима покажат подготвеност да бидат дел од „пеколната“ фаза во ЛШ, тогаш ќе решава пласманот во домашното првенство. Но, со оглед што Антиќ и соработниците ја поништија актуелната сезона, која не се доигра поради пандемијата со коронавирусот, останува нејасно како ќе биде разрешена оваа дилема.
Досега, од формирањето на ова натпреварување на ФИБА пред неколку години, само еден македонски тим решил да се пријави за учество и тоа Карпош Соколи во сезоната 2017/18. Тогашниот вицешампион се „сопна“ уште на првата квалификациска пречка и тоа во двомечот со естонски Калев, по што мораше да игра во групната фаза од неатрактивниот, а екстремно скап ФИБА Еврокуп.
Токму одредбата за задолжително играње во ова последно по рејтинг натпреварување, која е наметната за екипите кои ќе испаднат од квалификациите за ЛШ, е и главната пречка што досега освен „соколите“ никој друг не се нафатил да биде дел од оваа приказна. Во истата сезона, во квалификациите за ФИБА Еврокупот настапи и Работнички, кој убедливо „настрада“ во двомечот со руска Парма.