Легендарниот Бодирога ќе биде прв човек на кошаркарската Евролига?

Легендарниот српски кошаркар Дејан Бодирога е прв фаворит да го наследи Жорди Бартомеу на чело на кошаркарската Евролига, најавуваат грчки медиуми.

Бартомеу не е баш најомилен кај дел од евролигашите и во среда на Генералното собрание на Евролигата треба да се донесе конечна одлука за иднината на досегашниот прв човек на најсилната кошаркарска лига на Стариот континент, а одлучуваат 13-те клубови акционери. Мнозинството од акционерите уште зимоска го изразија незадоволството од работата на Бартомеу, зашто приходите им се драстично помали од расходите.

Сега Бодирога влегува како прв фаворит, а втора опција која се споменува е потпретседателот на НБА Европа, Хесус Буено.

Инаку, Бартомеу изминатиов викенд најави можност два клуба преку АБА-лигата да играат во Евролигата, а не како досега само победникот.