Кошмар за Панатинаикос - се повреди Слукас

На ден пред почетокот на четвртфиналната плејоф серија во Евролигата, тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман доби многу лоши вести.

Еден од најдобрите во тимот и сигурно лидер на тимот Костас Слукас доживеа повреда на коленото што ќе го оневозможи да игра во серијата со Валенсија, а што ќе се случи потоа... е неизвесно. Колкаво е значењето на Слукас во екипата најдобро зборува тоа што, според напредните анализи, грчкиот кошаркар има најдобар рејтинг во тимот (+9,2), што значи дека со него на теренот, Панатинаикос постигнува 9,2 поени повеќе на 100 поседи од нивните противници. За споредба, Хуанчо Ернангомез е втор со +4,9.

Иако игра во просек само 21 минута по натпревар, Слукас просечно постигнува 9,6 поени, 2 скока, 5,1 асистенции и индекс 12,6 по натпревар. ПАО постигнува 7,8 поени повеќе на 100 поседи додека е на теренот, отколку кога не игра. Според освоените поени и асистенциите, Слукас е втор во тимот со 21,3 поени по натпревар, веднаш зад Кендрик Нан кој има 26,8.

Патанаикос гостува во Валенсија во вторник и четврток навечер, а потоа серијата се сели во Атина.