Филмска приказна: Пред две години играл 3х3 турнири во српски паланки, сега е ѕвезда во Евролигата
Својата кариера тој ја почнал во академијата на францускиот тим Стразбур, каде е и роден, а првиот професионален договор го потпишал со Ле Портел. Паралелно со играњето во француското првенство, Хифи учествувал на 3х3 турнири и тоа не на врвно ниво, туку од локален карактер.
Така, во 2022 година тој настапил на турнири во Пожаревац и Лапово, во Србија, далеку од очите на европската кошаркарска јавност во чиј фокус е во моментов. Сето тоа се случувало пред лани да потпише за Париз по што кариерата му тргна во сосема друга насока. Во првата сезона со овој тим ја освои титулата во Еврокупот и играше во финалето од домашниот плејоф за оваа година да биде вистинско изненадување во Евролигата.
Иако релативно непознат за пошироката кошаркарска јавност, Хифи има ефект од 13,4 поени во елитното натпреварување и е еден од најзаслужните, заедно со Ти Џеј Шортс и Тајсон Ворд, што Париз се наоѓа на првото место на табелата во Евролигата и во моментов е во серија од 10 победи.