Димитријевиќ утре можеби последен пат во дресот на Уникс - сѐ е договорено со Олимпија Милано

Станува се поизвесно дека Ненад Димитријевиќ идната сезона ќе има нов клуб иако ниедна страна досега не го потврдила тоа официјално.

Денеска, италијанските медиуми пишуваат дека репрезентативецот на Македонија се обврзал на двегодишна верност кон Олимпија Милано, трансфер кој беше најавен уште на почетокот од минатиот месец. Веројатно повеќе на таа тема ќе се знае на крајот од клупската сезона во Европа, а во таа насока, Димитријевиќ би можел утре да го одигра последниот меч во дресот на Уникс, ако неговиот тим загуби од ЦСКА во четвртиот натпревар од финалната серија во ВТБ лигата. Московската екипа води со 3-0 и со триумф утре ќе стави крај на борбата за титулата.

Димитријевиќ е член на Уникс веќе две сезони, лани беше прогласен за МВП на финалето во кое триумфираше Уникс и стана шампион, а оваа сезона е најкорисен играч во основниот дел од шампионатот. Ако трансферот во Олимпија Милано се оствари, нашиот кошаркар претстојната сезона ќе дебитира во Евролигата.