Шок во Русија: ЦСКА си заминува од Москва?!

Рускиот кошаркарски великан ЦСКА Москва, осумкратен европски првак од следната сезона веќе извесно е дека нема да игра во руската престолнина и ќе се сели во друг град во Русија, зашто министерството за одбрана на најголемата земја на светот ќе им ја урне салата во која настапуваат.

Рушењето на салата „Александар Гомељски“, која е дом на ЦСКА и во неа тренираат „армејците“ и ги играат своите мечеви според најавите ќе биде срушена во јуни годинава. Министерството за одбрана на Русија веќе ја донела одлуката, а таа сала е сопственост токму на министерството.

„Одлуката на министерството за одбрана за рушење на Арената е сериозен удар врз животот на клубот и на неговите резултати. Сега имаме низа други опции, а една од нив е секако преселба во друг град во Русија“, објавија од ЦСКА.

Првиот човек на клубот Андреј Ванутин, посочил дека ниту тој, ниту клубот немаат толку финансии за да најдат локација и да си изградат нова сала.

„Мислам дека совршено може да разберете колку е скап тој проект. Колку само чини една нова сала да се изгради од нула, да биде модерна Арена во Москва. Прво треба да се најде место, па да се направи проект. Дури и за газдата на клубот тоа е премногу, тоа се многу пари. Таква инвестиција тешко дека би се вратила. Сѐ оди во правец дека ЦСКА и Москва сериозно ќе загубат на својата репутација“; рекол Ванутин.