Чус Матео прогласен за тренер на сезоната во Евролига

Шпанскиот стручњак и предводник на Реал, Чус Матео е прогласен за тренер на сезоната во Евролигата.

Признанието „Александар Гомељски“ апсолутно заслужено оди во негови раце, ако се знае дека Реал беше најдобар во основниот дел од сезоната во Евролигата со биланс 27/7, а потоа со 3-0 ја елиминира Басконија за да обезбеди пласман на завршниот турнир од елитното натпреварување. Во Берлин, на крајот од месецот, Реал со Матео ќе ја брани титулата во Евролигата, освоена лани во Каунас.

 

 

Матео е трет шпански стручњак кому му припадна наградата за тренер на сезоната во Евролигата откако пред него, добитници беа Чави Пасквал со Барселона и Пабло Ласо (два пати) со Реал. Претходните две сезони ова признание одеше во рацете на Јоргос Барцокас.