
Бугарин е најдобар во Европа: Американците се најплатени, а 17 години немаат МВП!
Без разлика што е Бугарин, каде што кошарката и не е баш на највисоко ниво, никој не е изненаден од одлуката МВП признанието да заврши кај играчот на грчкиот тим. Везенков освен што постигнуваше најмногу поени (17,2 поени) беше втор скокач (6,8), а имаше и најдобар индекс на корисност во цела Евролига (21,2), поради што се најде и во најдобрата петорка за сезоната. Тој има 27 години, а за Олимпијакос настапува од 2018 година, додека претходно беше кошаркар на Арис и на Барселона.
Бугарскиот кошаркар само ја продолжи низата признанието за најдобар во Евролигата да заврши кај европски играч. Американците можеби се најплатени речиси во сите клубови, но последен пат го добиле МВП признанието во 2006 година, кога тоа заврши во рацете на Ентони Паркер. Завршниот турнир од Евролигата се игра претстојниов викенд во Каунас, каде што Олимпијакос ќе ги одмери силите со Монако, а Реал Мадрид со Барселона.