Барселона го здроби Реал Мадрид за шампионска титула во Шпанија

Барселона ја доби и втората битка против Реал Мадрид со 92-73 во финалето на шпанската АЦБ-лига и ја освои шампионската титула.

Каталонскиот гигант го отвори мечот со серија од 7-0, а нивната предност продолжи да расте како минуваше времето до +11 (26-15) на крајот на првата четвртина. „Кралевите“ беа целосно декласирани на паркетот и не можеа никако да влезат во ритам, па Барселона на полувреме замина со +18 (48-30).

Искра надеж на Реал Мадрид ѝ даде серијата во завршницата на третата четвртина, кога намали на 13 поени разлика (53-66), но Каталонците не дозволија никакво изненадија и набрзо ги ставија работите под контрола. По што во последниот период Барселона ја одржуваше предноста и славеше со 92-73.

Никола Миротиќ го заврши мечот со 27 поени и пет скокови и беше најдобар во екипата на Барселона, додека Алберто Абалде постигна 15 поени и две асистенции.