Африкански циркузи: Кошаркарите од Брегот на Слоновата коска штрајкуваат – беспари не одат на СП!

Веќе видена е приказната со силни ветувања за големи премии во Африка ако се постигне некоја цел, па откако тоа ќе се случи, сите се прават наудрени и спортистите немаат друг начин за да си го добијат ветеното, освен да стапат во – генерален штрајк.

Последен ваков циркуз во Африка се случува во Брегот на Слоновата коска, чии кошаркари на две недели до стартот на кошаркарскиот Мундијал во Кина стапија во штрајк, зашто кошаркарскиот сојуз на оваа земја не им ги исплати ветените премии за пласман на СП.

Капитенот на „слоновите“, Гај Ландри Еди потврди дека тој и соиграчите се во штрајк и дека немаат намера да играат додека не ги добијат парите.

„Не добивме ништо од почетокот на тренинг-кампот, а тоа беше уште пред еден месец. Ни ветија исплата на половина од премиите, а не добивме ни цент. Сега ги бараме сите премии и бонусот за настап на СП, инаку не играме“, вели Ландри.

Брегот на Слоновата коска ќе го отвори СП со мечот против домаќинот Кина на 31 август, а во групата уште се и Полска и Венецуела.