Време е за дерби: Вечните за бодови, навивачите за помош на семејство од Битуше!

Пресметката помеѓу најголемите кошаркарски ривали кај, Работнички и МЗТ Скопје, секогаш носи посебен шмек и возбудувања, па така се очекува да биде и вечерва во „Градски парк“ (18 часот), на првото вечно дерби сезонава, кое ќе има и дополнителна тежина бидејќи ќе биде од – хуманитарен карактер.

За центарци дуелот доаѓа во малку незгоден момент, по неочекуваната низа од два порази и тоа против дебитантот Академија ФМП и Еуро Никел, откако првенството го почнаа со серија од четири победи. Ниту нивниот противник не е без главоболки, пред сѐ поради пеколниот ритам кој го наметнува настапот на два фронта, како и фактот што пред три дена одиграа исцрпувачки меч од АБА2-лигата против Широки. Но, без разлика на сето ова, секое вечно дерби е посебна приказна, која најчесто завршува на најнеочекуван начин и со драма во клучните моменти.

Работнички со драстично променет ростер во однос на ланскиот финален плејоф-дуел со најголемиот противник. Македонскиот дел од тимот е подмладен, но затоа е дополнет со искусна странска тројка која постигнува речиси две третини од поените. Двејн Бенџамин е лидер, со голема помош на Данило Мијатовиќ и Хејден Лесколт, на кои полека се приклучува и македонскиот репрезентативец Кирил Николовски, кој постепено се враќа по тешката повреда на коленото. Горан Главчев, Виктор Ефремовски и Стеван Глигоријевиќ се играчите кои ќе треба и тоа како да помогнат, ако тимот предводен од тренерот Димитар Мираковски, за кого ова е прво вечно дерби во новата улога, да дојде до триумфот.

Гостите од Аеродром се веќе добро воиграни, пред сѐ поради настапите во јадранската конкуренција, а во улога на лидери се Американецот Џабари Хиндс и капитенот Дамјан Стојановски. Сино-белите дефинитивно имаат подолга клупа, која сега е засилена со Ерон Харис и Бојан Радуловиќ, чиј настап секако ќе го покрие заминувањето на Марко Симоновски, кој често беше повреден.

МЗТ Скопје доби четири од последните пет меѓусебни пресметки, вклучувајќи ги трите победи по ред во „војната“ за титулата минатата сезона. Обложувачниците велат дека двата тима се речиси еднакво блиски до триумфот, што секако е уште една гаранција за квалитетен и возбудлив меч.

Хуманитарниот карактер, пак, ќе биде дополнителен мотив трибините во „Градски парк“ да се исполнат до последно место, со оглед што целокупниот приход од влезниците ќе се наменат за изградба на куќа на семејството Јовановски од Битуше.