Во „Градски парк“ се игра во (полу)темница: Ако „горат“ сите рефлектори, тогаш и салата – гори!

Немањето адекватно светло односно играње во (полу)темница во салата „Градски парк“ е еден од најголемите проблеми на Работнички од почетокот на новата сезона, а за што редовно добива опомени и казни од комесарот за натпреварување.

Центарци се обиделе да најдат решение за осветлувањето, кој не само што им отежнува на актерите на теренот, туку им носи главоболки и на фоторепортерите и камерманите, но откако успеале во тоа - наишле на нов проблем. Кога работат сите рефлектори во салата, се појавил чад и мирис на изгорено, нешто што претставникот на црвено-белите го соопштил на делегатот на мечот со Пелистер минатиот викенд.

„Осветлувањето во салата слабо. Службениот претставник на организаторот КК Работнички го известил делегатот дека во текот на седмицата имало интервенција за осветлувањето, но кога сите постојни и поправени рефлектори биле вклучени се појавило чадење и мирис на изгорено, (претпоставуваат дека инсталацијата не подржува)“, пишува во делегатскиот извештај од овој натпревар.

Управата на Работнички успеала да реши и дел од проблемот поврзан со санитарните јазли во салата „Градски парк“, нешто за што беше опомената по претходните домашни средби, но делегатот повторно нашол замерка и во овој дел.

„Во санитарниот јазол (тоалет, лавабо и туш кабина) имало интервенција, но немало топла вода за туширање на судиите“, дополнува делегатот Ѓорѓи Пиперков во својот извештај.

За сето ова, центарци добија уште една опомена од комесарот за натпреварување за нивно отстранува до следниот домашен меч, што е најголемото дерби во макбаскетот против МЗТ Скопје (21 ноември). Официјалното лице задолжено за организацискиот дел од натпреварот утврдил дека не постојат светлосни сигнали на таблата, кои според правилата се задолжени и тоа црвено за крајот на периодите, а жолто како сигнал, заедно со звучниот, за истек на 24 секунди за напад. За ова, центарци ќе треба да платат казна од 3.000 денари, како и дополнителни 8.000 денари за навредите упатени од неговите навивачи кон кошаркарите на Пелистер и судиите.

Истата сума од 8.000 денари за истиот прекршок ќе треба да плати и Кожув, Еуро Никел е казнет со 6.400 денари за втората техничка грешка сезонава на Филип Бакоч, додека по 3.200 денари ќе треба да платат МЗТ Скопје и Пелистер за техничките грешки на Андреј Маслинко односно Мико Голубовиќ. Најмала казна доби Куманово и тоа од 3.000 поради неисправни технички уреди во салата.