Вечниот „ловец во матно“ бара ново проширување на Првата лига и тоа по – рамковен!

Само неколку дена откако челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) официјално го прекинаа шампионатот, без прогласување првак и со проширување на Првата лигата од 10 нас 12, во јавноста се појави нов предлог за дополнително зголемување на елитата и тоа на неверојатни – 16 екипи.

Предлагач на ова е второлигашот Шкупи, кој смета дека поништувањето на актуелното првенство значи и враќање на ситуацијата која важеше пред почетокот на сезоната, кога составот од Чаир бараше да биде „протнат“ во елитата откако претходно испадна поради резултатите остварени на терен. Станува збор за шестопласираниот тим во Втората лига-Исток, кој до моментот на прекинат имаше остварено четири победи во 12 меча и кој смета дека би требало да игра во прволигашката конкуренција, како „единствен албански кошаркарски колектив во државата“.

„Шкупи бара од КФМ да ги почитува сите клубови без разлика на етничката припадност и да нѐ врати во Првата лига, бидејќи сметаме дека федерацијата направи голема неправда кон единствениот албански клуб, особено кон неговите кошаркари и спонзори“, се вели меѓу другото во изјавата на луѓето од Шкупи.

Чаирчани предлагаат следната сезона во Првата лига да играат 16 тима и тоа еднокружно во првата фаза, а по одиграни 15 кола да има поделба на Суперлига и Плејаут-лига, двете со по осум екипи. Тимовите кои би играле за опстанок не би смееле да користат странци, додека во Втората лига би имале право да играат само играчи на возраст до 22 години.

Барањето на Шкупи за влез во елитата без остварување на спортските критериуми е нешто што редовно се случува во пресрет на секоја од сезоните во изминативе неколку години. Во 2018 година тоа им успеа, само за да бидат најголема брука во лигата и да губат натпревари со разлика од 80 и повеќе поени, додека таквиот обид им беше неуспешен минатото лето. Останува да се види како на ваквиот „притисок“ ќе изреагира Перо Антиќ, секако ако оваа најава на чаирчани добие официјална форма.