За ова ли се тепаа? Шкупи ја деградира кошаркарската елита на досега невиден начин!

Се бореа, „гризеа“, притискаа од сите страни и на крај ги натераа надлежните да попуштат и да ги примат во Првата лига, само за да бидат најдеградирачкиот елемент досега виден во друштвото на најдобрите, барем во последните 15-тина години.

Станува збор за екипата на Шкупи, која со кршење на актите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) пред самиот старт на новиот шампионат доби можност да игра во елитата, за по само две кола да се изрезилат на начини кои е тешко можат и да се набројат. И, ако во претходната рунда (откако беа слободни на стартот) екипата на МЗТ Скопје им се смилува, па играјќи со тинејџери премногу не ги посрамоти (ги победи „само“ со плус 40), вчера на чаирчани им се случи бродолом на гостувањето кај Блокотехна – пораз со дури 81 поени разлика.

Екипата која едвај собра пари за да ја плати котизацијата надвор од сите рокови, на оваа средба ги урна речиси сите црни рекорди и постави долни граници кои тешко дека некој воопшто може да оди под нив, барем кога станува збор за прволигашки пресметки. Самиот факт што примија 128 поени е доволен доказ за начинот на кој одиграа, а тешко дека некој во иднина ќе ја надмине нивната бројка на загубени топки – вкупно 50 додека противникот имаше дури 34 украдени топки.

Кошаркарите на Шкупи за 40 минути само 12 пати од игра ја протнаа топката низ кошот на гевгеличани од кои само еднаш тоа беше удар за тројка. Нормално, кога ќе постигнете 47 поени тогаш тешко е за очекување некој да има двоцифрен поентерски ефект, додека кај домаќинот имаше седумина кои реализираа 10 или повеќе поени. Рекорд, нормално негативен е и фактот што и во двете полувремиња примија 60 или повеќе поени, а конечната негатива слободно може да се каже дека е највисока на еден прволигашки меч во самостојна Македонија, иако тоа ниту МКФ не може официјално да го потврди.

За сето ова, нормално, најмалку се виновни играчите кои го носат дресот на тимот од Чаир, едноставни нивниот квалитет е далеку од потребниот за настап во Првата лига. Проблемот е во управата и нејзината упорност по секоја цена (се говори и за политички притисоци) да игра во Првата лига со тим кој не е конкурентен ниту за играње во понизок ранг, а не, пак, за надмудрување со најдобрите тимови.

Тажното во целата ситуација е што е ова само втор меч за ваквиот Шкупи и ако челниците на клубот во скоро време не купат барем неколку странци, со оглед што на пазарот нема слободни кошаркари со прволигашки квалитет, тогаш од недела во недела ќе бидеме сведоци на вакви срамни епизоди.

И, само прашање на време ќе биде кога првпат ќе загубат со сто или повеќе поени разлика.