МКФ си ја поништи одлуката: Шкупи вратен во кошаркарската елита!

Скопскиот тим Шкупи, сепак, ќе игра во кошаркарската елита следната сезона, откако Здружението на прволигашите денеска го прифати неговото барање за подоцнежно плаќање на котизацијата од 10.000 евра поради што претходно му беше одземен статусот член на Првата лига.

Ова истовремено беше потврдено и од Комитетот за итност на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), што значи дека предводниците на макбаскетот кај нас ги ја „згазија“ одлуката која самите ја донесоа пред речиси еден месец. Тогаш категорично беше одреден последен рок за плаќање на сите долгови, што не беше испочитувано само од Шкупи и на овој тим не му беше прифатена пријавата да игра со најдобрите. Но, откако клубот во меѓувреме најде сериозен спонзор, МКФ се смилува па реши да си ја поништи сопствената одлука, со алиби дека тоа е на барање на Здружението на прволигашите, кое нема никаква правна можност за донесување било какви одлуки.

Претседател на Здружението останува Видоја Секуловски од МЗТ Скопје, со потенцирање на желвата за враќање на контролата врз овој орган која пред извесно време беше одземена од претседателот Петар Наумоски.