Американецот од Работнички среде Скопје нападнат од - расисти! (ФОТО)

Најдобриот кошаркар на Работнички, а најверојатно и во целото првенство во моментов, Американецот Маркус Гинјард, имал ужасно искуство во текот на минатата ноќ, откако среде Скопје бил вербално нападнат од група македонски момчиња кои го навредувале на - расна основа.

Според неговите зборови, синоќа, за време на прославата на денот на шегата, тој бил следен од група момци кои направиле да се чуствува максимално непријатно и навредено.

„Им благодарам на македонските момци кои синоќа ме следеа испуштајќи мајмунски крици и нарекувајќи ме црнец. Фала ви што ме потсетивме дека сѐ уште се плашите од мојата прекрасна црна кожа“, напиша Гинјард на својот профил на социјалните мрежи.

Засега нема информација дали овој инцидент е пријавен во полиција или дали припадниците на МВР имаат можност да ги приведат момчињата кои во најлошо можно светло го претставија градот и државата пред еден од најдобрите американски кошаркари кои заиграле кај нас. Гинјард не само што е одличен на паркетот туку е исклучително активен и општествено-социјално поле како ниту еден странски кошаркар пред него.

Тој беше дел од неколку хуманитарни проекти, има работено со деца, а редовен е посетител на речиси сите културни манифестации во градот. Поради сето ова, тој пред извесно беше многу блиску до добивање македонски пасош и до облекувањето на жолто-црвениот дрес, што не се случи само поради административно доцнење пред стартот на претквалификациите за ЕП 2021.