
ТФТ испиша историја, Работнички и шеста година по ред нема да игра финале (ФОТО)
Популарната Тафта овој пат славеше на теренот на противникот, со што се избори за битка за шампионскиот трофеј со МЗТ Скопје, кој вчера го елиминира Куманово исто така со максимални 3-0. Работнички имаше водство по првата четвртина и потоа кратко поведе со 32-27, ТФТ направи резултатски пресврт до крајот на првото полувреме и на паузата замина со водство од 48-38. Најзаслужен за пресвртот беше Говенс, кој уште во првото полувреме постигна 13 поени со речиси перфектен шут. ТФТ продолжи во исто темпо и во второто полувреме – во третата четвртина поведе со плус 15 (62-47), а потоа и со 20 поени разлика (69-49), што практично го реши натпреварот.
Центарци немаа сила за камбек и го запишаа третиот пораз во серијата. ТФТ го искористи тоа и со четворица кошаркари со двоцифрен број поени заслужено се најде во големото финале. Најефикасен беше Говенс со 18 поени, Стојаноски додаде 17, Браун 15, а Хаутон 14. Кај поразениот тим, Дубински заврши со 15 поени, Ѓуроски со 14, а Роше и Хот постигнаа по 11.
Сезоната, сепак, не е завршена за Работнички, кој ќе игра за третото место против Куманово во серија до две победи.