ТФТ го „зграпчи“ пехарот на првиот меморијален турнир „Анте Дуковски“!

Кошаркарите на ТФТ се победници на првото издание од меморијалниот турнир „Анте Дуковски“, кој изминативе денови се играше во Скопје во чест на прерано починатиот тренер на МЗТ Скопје и на повеќе младински репрезентативни селекции.

Составот од скопско Тафталиџе во големото финале убедливо го совлада новиот прволигаш Феникс (106-83), во меч во кој клучната предност беше обезбедена во третиот период. Хортон беше најдобар стрелец во победничкиот тим со 26 поени, додека Бродвеј реализира 19 поени, а Маслинко и Ташовски постигнаа по 14 поени. Куртис Џоунс беше незапирлив во редовите на Феникс 2010 со 35 поени, а репрезентативецот Митревски додаде 17 поени.

Третото место ѝ припадна на Академија ФМП, која во „малото финале“ го совлада Куманово (75-71). На турнирот настапија уште и Работнички и Ангели, кои испаднаа во фазата по групи.