Спортот се враќа во Македонија – Владата ја тргна забраната за спортски натпревари!

Скоро четири сушни месеци, спортот од денеска и официјално се враќа во Македонија, откако Владата на денешната седница донесе одлука за престанување на важноста на забраната за одржување спортски натпревари во државата.

Ова се однесува за сите колективни спортови, без разлика дали се во сала или на отворено. Ова истовремено значи дека спортистите од спортовите кои се играат во сала, конечно, ќе може да продолжат со своите активности и тренинзи, секако според протоколите кои дополнително ќе бидат истакнати во Службен весник.

„На денешната седница, Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, се вели во денешното владино соопштение.

Дозволата за одржување натпревари е само за настани на кои нема да биде присутна публика.