Селекторот на Македонија му одржа лекција на ѕвездениот тим на Црвена звезда!

Босанскиот тим Игокеа, на чија клупа седи селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, го направи најголемото изненадување сезонава во АБА-лигата, откако со фантастична игра во првото полувреме го совлада бранителот на трофејот, екипата на Црвена звезда (75-68).

Пулените на нашиот предводник од клупата беа фантастични во одбраната, што најдобро се виде со фактот што ѕвездениот тим на белграѓани го сведоа на само осум поени во вториот период, односно на 22 поени во целото прво полувреме во кое самите постигнаа дури двојно повеќе (44-22). Овој капитал се покажа доволен за продолжението, во кое гостите заиграа далеку подобро, но немаа сили за целосен пресврт.

Ова беше втор триумф во третиот меч од новата сезона за тимот на „нашиот“ Бајиќ, кој на крајот од следниот месец ќе ги има првите обврски со Македонија во квалификациите за СП 2023, кои почнуваат со мега-спектаклот против Шпанија во Скопје.