„Револверашка“ пресметка во Кале: ТФТ најде одговор и за Работнички (ФОТО)
Во дербито на овој круг, тимот од Тафталиџе го совлада Работнички со 85-77 и ја задржа челната позиција на табелата. Натпреварот го одбележа шутерското шоу на двете екипи имајќи предвид дека беа постигнати вкупно 26 тројки, а Работнички повеќе од половина поени ги постигна со шут од дистанца.
ТФТ главно го диктираше темпото, но за израмнетоста на овој меч најдобро зборува фактот што највисоката предност на формалниот гостин на натпреварот, беше осум разлика, колку што беше и конечниот резултат. Двете екипи се менуваа во водство, но не успеваа долго да го задржат бидејќи на секоја предност повисока од еден посед, следуваше серија, најчесто со тројки, на противникот. ТФТ имаше 23-17 и 29-22 во вториот период, како и највисоките 33-25. Работнички не само што не се шокираше од тој резултат, туку до крајот на полувреме успеа и да го преземе водството (38-37).
И во третата четвртина главно иста слика, ТФТ го диктираше темпото, но тогаш се разиграа Ефремовски и Ѓуроски кои со серија тројки го анулираа водството на противникот и му донесоа предност од 60-56 на Работнички, највисоко за тимот од градски парк за овој натпревар. ТФТ одговори со серија од 10-0 за враќање на предноста, а револверашката пресметка продолжи и во последниот квартал. Ваков шутерски меч мораше да биде одлучен со тројка, а ја постигна Говенс на 69 секунди пред крајот, со истекот на времето, од огромна далечина и под притисок на противнички играч, за 83-77 за ТФТ. Тоа придонесе за конфузија во редовите на Работнички, следниот напад беше брзоплето одигран, домаќинот не успеа да поентира и Гринли од линијата за слободни фрлања само стави точка на мечот.
Гринли со 24 поени беше најефикасен кај својот и постигна четири од 12. тројки на ТФТ. Ѓуроски и Ефремовски го предводеа Работнички и заедно реализираа дури 11 тројки. За Работнички ова беше втора пораз сезонава, а двата ги претрпе од градските ривали - прво МЗТ Скопје, а сега ТФТ.