Репрезентативецот Симоновски повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Марко Симоновски, од денеска не е дел од екипата на МЗТ Скопје, откако двете страни се договориле да ја прекинат соработката на обострано задоволство.

Искусниот бек-шутер е дел од актуелниот шампион од 2016 година, откако и претходно го носеше сино-белиот дрес во сезоната 2014/2015. Си заминува со три шампионски титули и тоа во 2015,2017 и 2019 година. Тој сезонава настапи на пет средби во АБА2-лигата со просек од 5,6 поени и 2,2 скока додека во домашниот шампионат на четири меча просечно реализираше по шест поени и 1,8 скока.

Управата на аеродромци јавно му се заблагодари на сѐ што досега прикажал настапувајќи за тимот од „Јане Сандански“ и му посакува сѐ најдобро во продолжението од кариерата. Во слична насока е и изјавата на кошаркарот.

„За деталите и причините околу прекинот на соработка не би сакал да навлегувам и јавно да коментирам. Сакам да му се заблагодарам на МЗТ Скопје за шансата што ми ја пружи во изминативе години и на клубот му посакувам најдобри резултати во сите натпреварувања во кои настапува сезонава. Засега не знам каде ќе ја продолжам кариерата, сакам прво да се одморам од досегашните напори. Имам некакви опции за заминување во странство, но нема да брзам со конечната одлука“, ни изјави репрезентативецот на Македонија.

Симоновски кариерата ја почна во Вардар, каде што настапуваше до 2009 година, по што направи трансфер во Работнички, каде што играше во уште два наврати. Беше кошаркар и на Фени индустри и на Куманово, а во 2010 година се проба и во австрискиот прволигаш Аркадиа.