Работнички вторпат по ред поразен: Еуро Никел ја продлабочи кризата во „Градски парк“!

Седумте поени во низа на Јане Петровски во последниот период и тоа по дури 13-тото изедначување (59-59) се покажаа како клучни за триумфот на Еуро Никел во вечерашното големо дерби против Работнички со 78-76.

Блескавите две минути на капитенот на кавадарчани им донесе позитива од седум поени (66-59), која противникот не успеа да ја надополни. Двејн Бенџамин се обиде да врати за идентичен начин, но најмногу што направи да го приближи најтрофејниот кошаркарски колектив прво на минус два (64-66), а потоа и на минус еден (73-74). Тоа беше крајно неизвесен меч, во кој екипите девет пати се менуваа во водство, а домаќинот најмногу имаше плус седум и тоа на самиот почеток по десет постигнати поени во низа (10-3) и потоа во клучниот период од последната четвртина.

За Работнички ова е втор пораз по ред, по шокантниот неуспех пред една недела на гостувањето кај Академија ФМП за скор 4-2 по шест одиграни кола во Првата лига. Еуро Никел, пак, им се придружи на МЗТ Скопје и Гостивар со учинок 5-1.

Ѓорѓе Каплановиќ со 17 поени беше најефикасен кај тимот од Кавадарци, додека Јане Петровски постигна 14, а Дарко Соколов и Филип Бакоч по 13 поени. Хејден Лесколт со 23 и Данило Мијатовиќ со 15 поени беа најпрецизен кај центарци.

Во последниот меч од рундата, Кожув без никакви проблеми убедливо го совлада Куманово (83-63) и тоа носен на крилјата на Американецот Пејн и на Бојан Трајковски, кои постигнаа по 18 поени. Претходно денеска, Гостивар беше убедлив на гости кај МЗТ Скопје УНИ Банка (103-73), Пелистер го растури Вардар (95-71), додека МЗТ Скопје малку се намачи, ама убедливо го совлада тимот на Академија ФМП (78-62).

ТАБЕЛА: Гостивар 5-1, МЗТ Скопје 5-1, Еуро Никел 5-1, Кожув 4-2, Работнички 4-2, Куманово 3-3, Пелистер 2-4, Академија ФМП 1-5, Вардар 1-5, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-6.