Работнички се засили со млад Македонец од Војводина и со најкорисниот играч во Австрија!

Како се наближува почетокот на новата сезона така се зголемуваат активностите во летово невообичаено тивкиот табор на Работнички, од каде што информираат дека се потпишани договори со двајца нови кошаркари и тоа еден Македонец кој играл во Србија и Американец кој настапувал во тим во Австрија.

Станува збор за младиот и релативно непознат дури и во домашните кошаркарски кругови, Теодор Атанасов (23 год, 206 см), кој изминативе две години настапуваше за српска Војводина, а сезоната ја доврши во шпанскиот ЕБА-лигаш Конехеро. Роден е во Нови Сад, но има и македонско државјанство, игра на центарската позиција, а летово го има играјќи баскет односно настапувајќи на дури седум турнири во „три на три“.

Претходно, центарци го ангажираа Хејден Лесколт (196 см, 27 год.), плејмејкер од САД кој треба да ја пополни празнината на оваа позиција по заминувањето на Бобан Стајиќ, Димитар Караџовски и Димитар Мираковски, кој се пензионира и стана тренер на екипата. Минатата сезона беше избран за најкорисен играч на првенството во Австрија настапувајќи за екипата на Оберварт за која просечно реализираше 17,5 поени со 6,3 асистенции.

Останува прашање како управата на најтрофејниот македонски тим ќе успее да ги регистрира двајцата кошаркари, со оглед што на интернет-страницата на ФИБА сѐ уште стои дека тимот е под блокада и забрана за трансфери поради спорот кој го имаат со својот поранешен играч Дарко Чохадаревиќ. Пред извесно време управата на клубот потенцира дека работата е средена и дека нема да има проблеми за регистрација на нови засилувања од странство, но името на тимот од „Градски парк“ и денеска може да се прочита на листата клубови кои се санкционирани поради долгвувања.

Претходно за Работнички потпишаа Горан Главчев и Стефан Глигоријевиќ од Блокотехна, а во однос на ланската сезона во клубот останаа Виктор Ефремовски, Кирил Николовски и Стефан Младеновиќ.