Работнички официјално поканет да игра во АБА2, а негова прва резерва е - Блокотехна!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, денеска и официјално е поканет да се пријави за настап во АБА2-лигата во сезоната 2020/21, за што има рок најдоцна до 15 јуни.

Покрај центарци, ваква покана доби и редовниот македонски претставник во јадранските натпреварувања, МЗТ Скопје, кој чисто процедурално ќе мора да го потврди своето учество без разлика што е пред промоција во член на јадранската елита. Аеродромци се очекува да го пополнат местото на Копер Приморска, која е во големи финансиски проблеми и која, според информациите од Словенија, се наоѓа пред банкрот со долг од 1,6 милиони евра.

„Врз основа на одлуката на Собранието на АБА и пласманот во националното првенство, имаме големо задоволство да ве информираме дека стекнавте прави за настап во АБА2-лигата во сезоната 2020/21. Ве молиме, најдоцна до 15 јуни, да нѐ информирате дали тоа право ќе го искористите како би ви испратиле документи за регистрација“, се вели во дописот кој денеска пристигна на адреса на двата најголеми спортски ривали во државата.

Ако се случи чудо и Приморска обезбеди пари за да продолжи да игра во АБА, тогаш МЗТ Скопје и Работнички ќе бидат тимовите кои би ја претставувале Македонија во второлигашкото јадранско натпреварување. Ако некој од овие два тима реши да не ја прифати поканата тогаш следува следниот на табелата, но од сезоната 2018/19, што значи дека улогата на прва резерва ја има Блокотехна.

Гевгеличани не играа во последното првенство, кое беше прекинато без шампион поради што пласманот на табелата е прогласен за неважечки од челниците на АБА, но најавија дека ќе се вратат на кошаркарската мапа. Тоа ги става во улога на валиден кандидат за пополнување на евентуална празнина во случај некој од вечните ривали да не прифати да игра во АБА2. Потоа следуваат Гостивар, Кожув и Куманово, кој исто така изрази желба да игра во ова натпреварување, но очигледно потребно е да се случи чудо за да дојде до такво нешто.

Македонија би имала можност и за трет претставник во вториот по квалитет ранг на Јадранот, но со плаќање на вајлд-карта во износ од 30.000-50.000 евра, одлука која беше донесена на последното Собрание на АБА.