Работнички ја здроби Струмица, ТФТ го најде лекот за Академија ФМП

Кошаркарите на Работнички немаа милост против Струмица и триумфираа со 99-66 во СРЦ „Кале“, додека победа оствари и ТФТ во дуелот против Академија ФМП со 86-75 во 18. коло од македонското првенство.

Најтрофејниот македонски клуб имаше фуриозен почеток на натпреварот, односно ја доби првата четвртина со 37-12, а до полувреме зголеми на 65-26. Струмица почна да се буди во второто полувреме, иако прашањето за победникот веќе беше решено, па така до крајот намали на 66-99.

Најдобар во победничкиот тим беше Ѓорѓе Џелетовиќ со 21 поен, додека Димитриев кај Струмица беше најефикасен со 14 поени.

ТФТ ја искористи кризата во редовите на Академија ФМП и го скрши отпорот на противникот во последните четири минути од натпреварот.

Во текот на дуелот се водеше израмнета игра до последните четири минути, кога ТФТ водеше со 74-73, по што влезе во серија од неколку поени и му избега на ривалот за 12. триумф во лигата.

Александар Костоски со 21 поен беше најдобар во победничкиот тим, додека Смит Меквен постигна 27 поени за Академија ФМП.

Во последниот натпревар вечерва, Феникс славеше со 83-79 против Кожув.